Библиотеката - мост за поврзување на лицата со посебни потреби со културните установи и културните содржини...
Во НУУБ „Гоце Делчев“ се оддржа изложба на цртежи и ракотворби на лицата од Центарот за грижа на лица со интелектуални попреченост ,,Порака" и Здружението ,,Цивитас" во соработка со Библиотеката и уште еден доказ дека уметноста не познава ниту граници ниту препреки.
Благодарност до Центарот ,,Порака", Здружението ,,Цивитас", до Мартин Ѓорѓиев, Милан Андонов, Соња Манева, Сашо Антонов, Драган Ѓорѓиев... и сите деца, лица, родители и посетители кои беа дел од овие уникатни креации...
Ние продолжуваме со нашите активности за нудење услуги на сите целни групи без исклучок за што имаме максимална иницијативност и поддршка од директорката на Библиотеката и вработените кои несебично помагаат со нивното мото „Сите деца се исти со срца чисти“.
Новиот француски амбасадор во Македонија, Кристијан Тимониер денес престојуваше во посета на Општина Штип. Тој прво имаше средба со градоначалникот на Штип, по што ја посети и библиотека. Целта на посетата е воспоставување на потесна соработка и отворање на можности за проекти, во кои Франција преку амбасадата би помогнала во промоција на француискиот јазик и збогатување на книжевниот фонд со нови француски наслови.
При тоа, амбасадорот Тимониер ја разгледа библиотеката и беше запознаен со активностите и начинот на работа, од страна на директорката м-р Милена Ристова-Михајловска. Тој со вработените разговараше за францускиот јазик, за студентскиот интерес, за книгите на француски јазик вклучително и за постарите наслови а покажа и интерес за интензивирање на соработката.
По повод 8 ноември - денот на ослободувањето на Штип, денес во НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ беа промовирани доктори на науки кои докторирале во изминатата година. Голем дел од промовираните се веќе кадар на Универзитетот „Гоце Делчев“. Промовирани беа:
доц. д-р Афродита Зенделска – доктор на технички науки;
доц. д-р Гордана Камчева – доктор на медицински науки;
доц. д-р Дарко Арнаудовски – доктор на медицински науки;
д-р Емилија Здравева-Лежаиќ – доктор на технолошки науки;
доц. д-р Соња Николова – доктор на историски науки;
доц. д-р Страхил Газепов – доктор на медицински науки;
д-р Христина Серафимовска – доктор на економски науки;
доц. д-р Викторија Максимова – доктор на биотехнички науки;
доц. д-р Стојанче Мијалковски – доктор на технички науки;
асс. д-р Ленче Насев – доктор од областа на музичка педагогија;
доц. д-р Данче Василева – доктор на науки по кинезитерапија.
Некои од промовираните доктори на науки ги истакнаа своите полиња на специјализација и ја истакнаа важноста на проблематиката во која докторирале. Некои од нив докторирале на Универзитетот „Гоце Делчев“, но некои и во универзитети надвор од Штип и од Македонија.Ректорот на Универзитетот проф. д-р Блажо Боев истакна дека Универзитетот е отворен за новите доктори на науки.
- Универзитетот е отворена структура за сите кои мислат дека можат да дадат придонес за него и да создаде услови за развој. Јас како ректор ја поддржувам таа активност до крајни граници и секој млад човек кој има стекнато добро образование на кој било добар универзитет има место на УГД. Ова е одлична традиција на Штип и сигурно со овие доктори на науки се менува и градот
На промоцијата на докторите на науки ѝ претходеше доделување на признанијата „8 ноември“, кои меѓу другите им припадна и на уметниците од Универзитетот „Гоце Делчев“ на дуото „Грациозо“. Дуото е составено од д-р Невенка Дуковска, која е дел од УГД и м-р Кристина Палија.
По повод доделување на признанието за 8 ноеври директорот на сите вработени им додели Благодарници „за посебен придонес во развојот на установата преку професионалното работење и посветениот ангажман, на патот до добивање на признанието 8 Ноември“.
Штип денес го одбележа Денот на ослободувањето, 8.ноември 2016. Прославата започна со полагање на цвеќе на споменикот на револуцијата на Исар а во 11 часот се оддржа свечената седница на кои беа доделени традиционалните награди и признанија:
- Слободата на Штип е натопена со крв на многу луѓе кои ги дадоа своите животи, од стреланите во Драгоево, Судиќ, Селце и Долани па се до револуционерите кои загинаа во ослободување на овој град. Штип дал многу животи за денешната слобода и таа е испишана со имињата на хероите во нашата револуционерна борба. По 3.5 години како градоначалник, задоволен сум од она што го оставам зад себе, бидејќи сфатив дека треба да се работи од првиот ден. И затоа зад мене и мојот тим стојат над 400 реализирани проекти, над 120 асфалтирани улици, комплетна инфраструктура за селата од Лакавичкиот, Плачковичкиот и Овчеполскиот регион, успешно реализирани културни манифестации, обнова на спортски терени и стотина реализирани проекти на јавните претпријатија. Иако изминатите години се соочувавме со многу отпори и сопки, сепак го исполнивме она што го ветивме - кажа во своето излагање градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев.
Годинава, добитник на наградата 8.ноември е ЈП „Исар“ за сиот ангажман во изминатите 4 години. Во овој период реализирана е обнова на бањата Кежовица, во тек е обнова на тушевите, успешно остварување на проектот за уредување на корито на река Отиња, сочувување на градската чистота и беспрекорно градот е снабден со вода за пиење.
Носители на признанијата се службата за итна медицинска помош, приватната компанија „Семак фешан“ која наскоро ќе ја отвори новата фабрика во Штип, НУ-УБ „Гоце Делчев“ која одбележува 70 години постоење и на дуото „Грациозо“ составено од д-р Невенка Дуковска и м-р Кристина Палија. Наградата во име на библиотеката ја прими директорката, м-р Милена Ристова-Михајловска.
Во своето обраќање, претседателот на Советот, д-р Влатко Миташев укажа на потребата од заедништво во овие пресудни мигови за земјата, а потсетувањето на денот на ослободувањето треба да биде патоказ за сите генерации, дека да се биде Македонец е чест и гордост и тоа треба достоинствено да се брани и чува.
Попладне беше отворена традиционалната изложба на ДЛУШ во фоајето на НУЦК „Ацо Шопов“ а одбележувањето ќе заврши со промовирањето на новите доктори на науки на Митровденските средби во библиотеката.
Ученици од штипските основни училишта во соработка со НУ-УБ „Гоце Делчев“ вчера (03/11/2016) се претставија во емисијата „Голем одмор“ на Македонската телевизија. Учениците предводени од директорката м-р Милена Ристова-Михајловска имаа можснот да ги претстават своите активности со кои се промовираат низа настани поврзани со книгата и значајни личности како што е одбележувањето на Денот на смртта на Гоце Делчев, споменот за Тоше Проески, литературно читање и Саемот на книга.
При тоа, освен рецитал и поетско читање, кратки разговори и друго, дел од учениците изведоа и мала претстава кое воедно беше една од централните точки и при одбележување на смртта на великанот Гоце Делчев во библиотеката а во реализација на ученици од ООУ „Гоце Делчев“ од Штип.