Историските извори говорат дека библиотекарската дејност во Штип започнала со основањето на читалиштето „Дејателност“ во 1872 год. Во сложени општествено-историски околности штипските еснафи согледувајќи ја потребата за духовна надградба и описменување на своите сограѓани, со свои средства го помогнале создавањето на ова читалиште.
Таа искра што ја запалила првата читална останала да тлее, така што сите подоцнежни училишта во Штип и Ново Село имале свои мали библиотеки.Тие училишни библиотеки развиле мошне богата активност особено во времето на учителствувањето најпрво на истакнатиот македонски револуционер Ѓорче Петров, а потоа и на апостолот на македонското револуционерно движење - Гоце Делчев.
Меѓу двете светски војни во Штип постоела мала библиотека со скромен фонд на книги.
Во 1941 год. за време на бугарската окупација на Штип била отворена библиотека со читална. Но, по двомесечна работа било забрането нејзиното постоење.
По Втората светска војна, во 1946 год. била формирана библиотеката „Гоце Делчев“. Во почетокот книгите биле обезбедени со донирање од приватни, домашни библиотеки. На таков начин биле собрани околу 700 до 900 книги што било добро за отпочнување на библиотекарската дејност.
Новиот објект во кој и денес функционира НУУБ „Гоце Делчев“-Штип, на свечен начин бил предаден во употреба на 4 мај 1978 год.
Ова одделение располага со огромен број материјали: книги, брошури, докторски дисертации, магистерски теми, сепарати и учебници, публикации и зборници кои зборуваат за огромниот потенцијал на штипските автори. Во таа смисла треба да се споменат првиот претседател на Р Македонија, Киро Глигоров, академиците Михајло Апостолски, Ацо Шопов, Јордан Поп Јорданов, Никола Кљусев како и многубројни универзитетски професори и научни работници.
Како резултат на долгогодишниот ангажман, во ова одделение е воведена традиционалната манифестација „МИТРОВДЕНСКИ СРЕДБИ“ на која се промовираат доктори на науки од Штип и неговата околина.
Досега (2013 год.) се евидентирани 147 доктори на науки.
Библиотечниот фонд со кој располага библиотеката изнесува околу 200.000 монографски публикации и над 1300 наслови на периодични и сериски публикации, остручен висок библиотечен кадар и солидна компјутерска опрема.
НУУБ „Гоце Делчев“-Штип денес е институција од отворен тип. Работи со две примоиздајни одделенија (за деца и возрасни) со одделение за обработка на монографски публикации и периодика, депозитна литература, роднокрајно одделение, француска читална, мултиетничка библиотека, со одделение за издавачка дејност. Во склопот на библиотеката работи и Медиотека која отвора можност за соработка со училиштата за реализирање на наставни програми преку различни медиуми.
Модернизацијата на библиотеката со компјутерска опрема овозможува проширување на списокот на услуги кои ги нуди. Читателите имаат можност да користат Интернет и на тој начин да дојдат до потребните информации.
Еден од приоритетите на библиотеката е автоматизација на библиотечното работење и обработка на библиотечниот фонд со надоградување и проширување на компјутерската опрема со автоматска обработка на постојаниот книжен фонд. Библиотеката е дел од мрежниот систем во кој се вклучени 14 библиотеки од регионот. Во нив се реализира единствена библиотечна програма за обработка на библиотечниот материјал, COBISS.
Нов начин на работа претставува Инфобусот. Тоа е мобилна библиотека за опслужување на сите националности, религии и возрасти во ридско-планинските места на општините Штип и Карбинци.
Во библиотеката континуирано се организираат разни настани од областа на културата – промоции, изложби, предавања, средби. Така неодамна се одржаа традиционалните „МИТРОВДЕНСКИ СРЕДБИ“ (слики), а од понов датум е и изложбата на слики од Илинденскиот период на Државниот архив на Македонија(слики)
Институцијата е една од трите библиотеки во државата кои со закон се прогласени за депозитни библиотеки. На тој начин се чува комплетното движно богатство во земјата како сведоштво за времињата кои си одат.