Националната установа - Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“–Штип, која е и депозитна библиотека, е најголемата матична библиотека во регионот, и една од трите депозитни библиотеки и петте библиотеки во земјата прогласени како институции од национален интерес.
Националната установа - Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип е лоцирана во централното градско подрачје, во непосредна близина на средни и основни училишта и сакрален историски објект. Зградата на библиотеката е современ објект кој со своето архитектонско решение ги воодушевува намерниците и обезбедува удобен престој на посетителите. Има 5 ката и 3 нивоа.
Истата има две читални, 130 маси и 4 кабини за индивидуално учење. Во зимниот период се загрева со централно греење, додека градбата на зградата во летниот период овозможува пријатен претстој.
Во склопот на библиотеката е и „Инфобусот“ – мобилна информатичка библиотека.
Согласно новите предизвици и обврски во сферата на информатичкото поврзување оваа библиотека има улога и како централна и регионална библиотека.
Располага со над 130 000 монографски публикации и околу 1000 наслови периодика, обработени според постоечките стандарди ISBD(M) и ISBD (S).
Претражувањето се врши преку авторски и стручни каталози и по УДК стандардот.