,,Македонско-француски поетско-прозни интерпретации и остварувања. Старословенско-македонски јазични испреплетувања"
Details
МАКЕДОНИСТИТЕ ОД УГД - ВКЛУЧЕНИ ВО ПРОЕКТНА АКТИВНОСТ НА ШТИПСКАТА БИБЛИОТЕКА
,,Македонско-француски поетско-прозни интерпретации и остварувања. Старословенско-македонски јазични испреплетувања" е темата на проектната активност во која се вклучија и студентите од #Македонистика_Штип.
Станува збор за интерактивно предавање, едукативен семинар и креативна работилница при што првенствено се разви дискусија за врските, сличностите и разликите меѓу старословенскиот и стандардниот македонски јазик.
Студентите од прва година на Катедрата за македонски јазик и книжевност интерпретираа прозни и поетски текстови од македонски и француски автори, а читаа и делови од Светото писмо на старословенски јазик. Во овој дел го истакнуваме учеството на студентките: Зорица Стојева, Ребека Спасова, Зорица Иванова, Анета Оџакова, Златица Иванова, Елица Тошева-Ели, Сара Јанева, Мила Николова и Верица Апостолова. Апсолвентката Верица Милорадова се јави и како учесник и како координатор на останатите учесници.
Со рецитации се вклучија и младите литерати, Милена Милорадова и Мелани Иванова, како членови на Книжевно-креативниот центар ,,Еквилибриум" при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ, а под менторство на доц. д-р Милена Ристова-Михајловска и д-р Наташа Лазарева.
Организаторката и иницијаторка на активноста, доц. д-р Милена Ристова-Михајловска, заедно со библиотекарката Соња Манева од НУ-УБ ,,Гоце Делчев" - Штип, реализираше едукативен семинар за студентите за електронско пребарување во базата на податоци преку платформата ,,Cobiss".
Библиотекарката Манева претстави дел од публикациите што се од француски автори, а се преведени на македонски и се достапни преку Библиотеката за читателите. Манева ги запозна поодблизу студентите со одделите во Библиотеката што би можеле да ги посетат и тоа: Роднокрајното одделение, Одделението за возрасни и Академската читална.
Ристова-Михајловска зборуваше за депозитните одделенија во националните библиотеки во Македонија што функционираат согласно Законот за архивски примерок.
Активноста е дел од проектот ,,Француски учиме, македонски читаме - култура спојуваме и развиваме". Истата се реализира со логистичка поддршка од раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Штип, доц. д-р Ана Витанова-Рингачева.