Персоналната библиографија на Душко Цацков, која опфаќа голем дел од македонската историографија, беше промовирана во штипската библиотека.
- Човек кој многу допринел кон овој град, човек кој е благајна на културната меморија, како што вели рецензентот Венко Андоновски, човек на кој Штип му должи многу, а и ние како библиотека. Во чест на 80 години од неговиот живот и неговото богато културно творештво, денеска ја промовиравме оваа библиографија, изјави Вилма Јованова, ко-уредник на библиографијата.
Некогашен студент на професорот Цацков, сега е еден од уредниците на библиографијата.
- Големо задоволство ми е што можам и што учествувам во составувањето и реализирањето на овој проект, библиографијата на Проф. Др. Душко Цацков, бидејќи јас сум еден од неговите студенти. За мене е еден од најеминентните професори и декан на педагошкиот факултет. Тој има многу книги, многу стручни книги, бидејќи предаваше Литература за деца, изјави Сашко Неделков, ко-уредник на библиографијата.
Сепак, како што вели професорот Цацков, највредно богатство е она духовното.
- Најтрајното богатство не е само физичкото, туку и духовното. Творците тоа најдобро го знаат. Тоа богатство е најтрајно и засекогаш останува, изјави Проф. Др. Душко Цацков.
Оваа библиографија доаѓа со низа други библиографии од оваа и минатата година, кои доаѓаат после десет години од недостаток на објавување на ваква литература. После библиографијата на Душко Цацков, веќе во петок ќе има биде објавена и втората за оваа година.
- Навистина сме горди бидејќи со ова се случува едно реактивирање на библиографскиот центар, како што веќе знаете, Советот на општина Штип и градоначалникот, поддржаа издавање на две библиографии, оваа на Проф. Др. Душко Цацков и на др. Методи Чепреганов, изјави Милена Ристова Михајловска, дир. на НУ-УБ „Гоце Делчев“ Штип.
Она што е во план на библиотеката месецов е да аплицира со проект до министерството за култура, за креирање на второ издание на овие библиографии, бидејќи првичниот тираж е мал, а важноста на оваа литература е од особено значење за Штип и Македонија.