„Oва е еден вид продолжување на мојата прва книга и продолжување на мојата прва изложба, само што сега имаме цртежи на возрасни лица и мали бебиња“, изјави Драган Ристов, автор на книгата и изложбата.
Книгата, Штип во Американскиот печат во периодот 1903-1918 всушност е сублимат за она што најзначајните американски весници го пишувале за случувањата во Македонија пред, за време и по Балканските војни, еден исклучително важен и турбулентен период од македонската историја:
„Драган Ристов со овие две книги нема за цел да докажува вистини, туку едноставно да даде свој прилог кон вистината“, објасни Кирил Панајотов, рецензент и промотор.
Читајќи ги и анализирајќи ги новинарските текстови на американките новинари, кои во тој период настапуваат од позиција на независни известувачи за настаните, светската историја засекогаш го детерминирала македонскит народ како посебен етникум и како таков тој е претставен во американскиот печат.
Ова, на овие новинарски списи, по растојание од еден век , им дава значење на оджфицијален историски документ, но и ја потенцира важноста на новинарската професија во секое општество:
„Оваа е една од ретките книги коишто на виделина го истакнуваат целото значење на професијата новинар, меѓутоа и засекогаш ги зачувуваат настаните“, истакна Оливера Жежова, рецензент и промотор.
Со оваа нова книга, во издание на Штипската библиотека, новинарот Драган Ристов, уште еднаш потврди дека вистината на виделина излегува, благодарение и на новинарите и потсети на важноста на оваа професија.