На 31.05.2016г. се одржа модна ревија и изложба на модели на креации со име „Мода меѓу редови“, во организација и реализација на студентите од Технолошкиот факултет при УГД „Гоце Делчев“-Штип.
„Ревијата ја спремавме четири месеци и учествуваме студентите од Технолошко техничкиот факултет, а инспирацијата ни е образованието и како тоа може книгата да го потикне човекот да го смени светот“ , вели Ана Ѓорѓева, студентка.
„Секој читател кога чита книга ја доживува на свој начин, па затоа е и Мода меѓу редови за секој присутен на оваа ревија да ја доживее на свој начин“ , изјави Сања Ристески, Технолошки факултет – Штип.
Ревијата ја организираа самите студенти, како дел од практината настава, но и како продолжение на стекнатите искуства како гости на други ревии:
„Нашите студенти ги посетуваат сите модни недели и сите културни манифестации кои се одржуваат во државата“ , кажа Винета Сребреновска , декан на Технолошки факултет – Штип.
Крајната цел на ревијата беше да се покаже креативноста на студентите, но и да се популаризира книгата:
„И ова е еден креативен начин да се доближи книгата до читателот и ние денес ја изложивме едицијата 130 тома Македонска книжевност“ , истакна Сашо Неделковски, библиотекар.
Ревијата е завршно претставување на сето она што студентите го научиле во текот на оваа студиска година и заокружување на уште една успешно помината фаза од студирањето.