Една ПРВА и една ВТОРА НАГРАДА за две млади штипски авторки и читателки од Библиотеката.На манифестацијата ,,Пролет, љубов, смеа" во Св. Николе, во силна конкуренција, две наши солидни млади авторки и читателки, освоија награди.
Со ПРВА НАГРАДА во категоријата ,,Младинци" се закити младата и квалитетна поетеса, Рената Пенчова, ученичка во СОУ Гимназија ,,Славчо Стојменски".ВТОРА награда меѓу помладите, освои поетесата Матеја, ученичка во ООУ ,,Славејко Арсов".
И двете поетеси се наши редовни читателки, активни учеснички во сите конкурси, соработнички, така што според тие критериуми, од страна на НУ-УБ „Гоце Делчев“ - Штип беа предложени за учество во двете категории во рамки на оваа долгогодишна, успешна и меѓуопштинска манифестација во која земаат учество многу поети од земјава.
Рената и Матеја учествуваа на манифестацијата под менторство на библиотекарките, Жаклина Петрушева и Ирена Јорданова, а со комплетна поддршка и од нивните предметни професорки, Милкица Миленковиќ и Весна Ристова и директорите на нивните училишта.
Манифестацијата се организира во склоп на проектните активности на Дом на култура ,,Крсте Петков Мисирков" и Библиотеката во Св. Николе, а под раководство на директорката, Валентина Алексова, и раководителката на Библиотеката, Елизабета Коцева.
Одржани првите три креативни работилници по повод Велигден.Креативна велигденска работилница во Инфо-бусот под мотото ,,Кој како мал чита, како голем размислува" со ученици од ОOУ ,,Страшо Пинџур" од Карбинци, с.Таринци и с. Караорман.
Најмладите читатели од Штип учествуваа во едночасовна креативна работилница во организација на Асоцијацијата на издавачи на Р. М., креирајќи ракотворби, инспирани од истовремено читање на бајки од штипските библиотекарки.
Штипската библиотека имаше претставување на „Форумот на библиотеки“ во рамките на Саемот на книгата. Директорката на Библиотеката, Милена Ристова - Михајловска, на Форумот за библиотеки, имаше излагање и презентација за позитивните практики, иновативните активности и инфраструктурни проекти во НУ-УБ ,,Гоце Делчев" - Штип. На Форумот учествуваа уште две библиотекарки од Штип.
Штипската библиотека успешно се претстави на Саемот на книга во Скопје, или подобро кажано беше тоа репрезентативна промоција на штипската библиотека на Саемот. Штипјани, имаа богата и мултимедијална промоција преку која ја презентираа својата досегашна работа:
- Со модна ревија, изложба, афирмација на штипски поети, работилници во детското катче, презентација на Форум на библиотеки, сопствен штанд со издавачка продукција и промотивен материјал, се претстави НУ-УБ ,,Гоце Делчев” на Саемот на книга во Скопје - истакна Милена Ристова Михајловска, дир. на НУ УБ „Г.Делчев“ – Штип.
Презентацијата побуди голем интерес кај публиката.На Саемот, беа афирмирани штипски автори преку самопромоција на свои стихови и цитати од дела и подарување на лични книги за читателите. Младата поетеса и ликовен уметник, Анастасија Петрова која има две збирки поезија, Ирена Парчеклиева со два романа и со само 17 години, Миланчо Милeнковски со една збирка поезија и научно-истражувачка дисертација во печат, Цвета Спасикова со над 20 објавени книги и Благица Ефремова со 5 книги поезија за деца, беа претставени на овогодинешниот Саем на книга.
Со претставувањето на Саемот на книгата, библиотеките од регионот покажаа дека не се само депоа каде книгите се чуваат, туку и места каде истите се пишуваат, се создава нова уметност која понатаму се пренесува на сите нови генерации читатели.